Три милиони патници на Скопскиот аеродром претставуваат историски успех, нешто што се случува во Македонија. Ова го истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Заедно со раководството на ТАВ Македонија присуствуваше на свеченоста по повод испраќањето на три милионитиот патник.
Николоски оцени дека Меѓународниот аеродром Скопје постепено се претвора во регионален центар.
“Драго ми е што ова прекрасно семејство, кое денеска патува за Бари, имаше привилегија да биде три милионитиот патник на Скопскиот аеродром. Ако споредиме со случувањата пред десет, дваесет или триесет години, ова беше незамисливо. Скопскиот аеродром сега навистина станува централно место за целиот регион,” изјави Николоски на прес-конференција.
Од септември минатата година до денес, воведени се 21 нова авиолинија до Скопскиот и Охридскиот аеродром. Ова, според Николоски, доволно говори за посветеноста на Владата и претставува најголем број нови дестинации воспоставени од која било држава во регионот.
“Затоа, овие бројки не се случајни. Скопскиот аеродром очекува да заврши со 3,2 милиони патници, додека Охридскиот аеродром ќе регистрира над 300.000 патници, со што вкупниот број на патници до крајот на годинава ќе надмине 3,5 милиони,” посочи Николоски.
Тој дополни дека годинава се бележи континуиран раст, кој во ноември достигна 25 проценти во споредба со истиот месец претходната година. Ова значи дека бројот на патници што користат македонските аеродроми е зголемен за една четвртина.

Овие позитивни резултати, нагласи министерот, се проследени и со зголемување на бројот на туристите и со развој на бизнисот.
Николоски најави дека од 6-ти април следната година ќе стартуваат нови авиолинии од Скопје до Неапол и Будимпешта. Од 28-ми јуни, пак, ќе бидат отворени линии од Охрид до Катовице, Вроцлав и Милано. Дополнително, Austrian Airlines ќе воспостави редовна линија од Охрид до Виена.
Со сите овие нови линии и активности, Николоски изрази надеж дека следната година во ова време на Скопскиот аеродром ќе има 3,5 милиони патници.
Раководството на аеродромскиот оператор приреди изненадување за тримилионитиот патник, Милена Таскова. Таа доби бесплатни аеродромски услуги од сестринските компании на ТАВ и два бесплатни билета од Виз Ер.
“Го достигнавме три милионитиот патник во една година. Патничката, која првпат лета за Бари, ѝ посакавме многу среќа на неа и нејзиното семејство,” изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
