Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за време на неговата посета на Битола одговарајќи на новинарско прашање за поскапувањето на електричната енергија истакна дека основната причина заради која поскапува електричната енергија е недомаќинското менаџирање на најголемите енергетски капацитети во државата
-Поскапувањето на струјата секако дека се должи и на светската криза и на она што се случува во Украина, но да не заборави јавноста дека струјата почна да поскапува пред да почне војната во Украина. Војната во Украина почна во февруари месец оваа година, а струјата во Македонија почна да поскапува во 2020 година, што значи пред две ипол години. Ние уште тогаш излегувавме на протести против поскапувањето на електричната енергија. Основна причина зошто поскапува електричната енергија во Македонија е затоа што недомаќински се оперираат најголемите енергетски капацитети. Тука најголем е секако РЕК Битола кој што е во овој крај, тука е и РЕК Осломеј, тука се и хидроакумулациите секако, истакна Николоски.
Тој додаде дека само за две години заради недомаќинското работење на власта се произведени еден милион мегават часови помалку електрична енергија, која во вакви услови мора да се увезува, а според цените на светската берза тоа ги коштало граѓаните 250 до 260 милиони евра.
-Македонија не произведува доволно електрична енергија. Само за две години, од 2019-та до 2021 година се произведени за еден милион мегават часови помалку електрична енергија. Значи зборуваме за период во кој што целосно е на власт СДСМ и ДУИ. За две години нивна власт произвеле за еден милион мегават часови помалку и електрична енергија. Ако еден мегават час на светските берзи е од 250 до 260 евра тоа значи дека само за увоз Македонија за две години дала 250 до 260 милиони евра, а 250 до 260 милиони евра се еден најмодерен автопат во Македонија на пример од Градско до Битола или е возобновување на електрификацијата на пругата или изградба на нова пруга или ако сакате изградба на две-три поголеми брани во Македонија чисто за компарација. Во такви услови, недомаќински да се фрлаат во воздух 260 милиони евра е целосно неодговорно. Во исто време електричната енергија за граѓаните поскапе два пати по 10%, а сега ќе поскапи веројатно за дополнителни 30%, но она што е уште позначајно е што за компаниите, за фирмите е поскапена 500 до 600%, а во исти процент е поскапена и за институциите и за општините. Значи 5 до 6 пати е поскапена цената на електричната енергија затоа што Македонија не произведува доволно, заради недомаќинското работење и криминалот кој што се случува во ЕЛЕМ и во РЕК Битола и таа струја мора да се увезува, додаде Николоски.
Тој како пример за тоа колку ги кошта граѓаните недомаќинското работење на власта ја наведе Општина Битола која во споредба со изминатите години оваа година за електрична енергија ќе плати 1,8 до 2 милиони евра повеќе, пари на граѓаните со кои би можеле да се решат бројни проблеми на општината.
-Општина Битола во текот на оваа година споредено со претходните години ќе плати за еден милион и 800 илјади до 2 милиони евра повисока цена за електрична енергија. Значи, битолчани за една година ќе платат 1,8 до 2 милиони евра повеќе за електрична енергија. Тоа се пари на битолчани. Со тие пари можат да се изградат неколку модерни булевари во градот, можат да се решат бројни водоводни иканализациони системи, да се изгради нов парк во градот и бројни други проекти. Значи само за недомаќинското работење на Зоран Заев, на Васко Ковачевски, на Крешник Бектеши, на Бислимоски и на Ковачевски, ние сме доведени во ситуација само во Битола граѓаните преку општината да платат 1,8 до 2 милиони евра повеќе за електрична енергија. Ова е ништо друго освен еден државен криминал на кој што мора да му дојде крајот пред сѐ со предвремени избори, потенцираше Николоски.