Николоски изврши увид на градежните работи и најави функционална прва линија
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска изјави дека проектот Градски воз во Скопје напредува според планираната динамика и дека првата линија ќе биде готова до јуни.
„Динамиката е добра. Минатата година, кога го започнавме овој проект, ветивме дека првата линија ќе биде завршена до јуни. Сакам да почнеме да ја навикнуваме јавноста да се завршуваат проекти во предвиден рок, и како што гледате, проектите кои оваа влада ги започнува и кои ние ги започнуваме се движат со добра динамика, затоа што пред да ги започнеме проектите имаме многу сериозен процес на планирање, за кога ќе се излезе на терен и се почне да се работи, навистина да се испорача она што се ветува“, додаде тој.
Според Николоски, прогресот на првата линија која минува од Зелениково преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и Нова железничка станица е 65% и се очекува да биде завршена до јуни.
„Потоа следува еден период на тестирање и нашата цел е да започне со работа од 1 септември, со почетокот на школската година. Градскиот воз на оваа линија ќе помогне многу во растеретување на сообраќајот и сообраќајниот метеж во Скопје, како и во намалување на загадувањето“, истакна Николоски.

Проектот ќе се реализира во три фази и ќе ги растерети линиите
Николоски објасни дека првичниот план за Градски воз предвидувал проектот да се изведува во три фази. „По завршување на првата фаза, следува линијата од Нова железничка станица преку Маџари до Илинден, а третата фаза ќе минува од Нова железничка станица преку Бутел, Скопје Север, Волково, Ѓорче Петров и ќе завршува во Сарај“, рече тој.
„Имајќи предвид дека јавното претпријатие ‘Железница-инфраструктура’ напредува побрзо од очекуваното со проектирањето и изведбата, очекуваме годинава да се распише јавен повик, односно тендер за двете следни делници заедно. Тоа ќе значи дека целиот проект ќе се заврши најмалку една година порано, односно до крајот на 2027 година ќе ги имаме трите линии функционални. Во добра соработка со јавното сообраќајно претпријатие, тоа ќе значи целосно растеретување на сообраќајот во градот, а кога ќе се надоврзе и проектот БРТ, до 2029 година ќе имаме целосно нова состојба со градскиот превоз“, додаде Николоски.

Подготовки за зголемен сообраќај и дополнителни гарнитури на возови
„Исто така, со Железница транспорт работиме интензивно на обезбедување на дополнителни гарнитури на возови, бидејќи со почетокот на Градскиот воз се очекува зголемување на сообраќајот. Проектот, покрај растеретувањето на метежот и намалување на загадувањето, ќе придонесе и за поефикасен превоз особено во зимските месеци“, истакна Николоски.
Тој нагласи дека целосната реализација на трите линии, во комбинација со проектот БРТ, ќе донесе значителна трансформација во градскиот превоз и ќе овозможи побрзо, поеколошко и поудобно движење низ Скопје.
„Ова е проект кој ќе ги подобри условите за секојдневно патување на граѓаните и ќе ги постави темелите за современ и функционален градски транспорт“, заклучи Николоски.

