Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во денешното обраќање на „Регионален спортски самит Скопје 2025“ најави уште поголеми инвестиции во спортската инфраструктура во целата наша држава и законски измени за финансиски олеснувања при инвестирање во спортот.
– Како Влада сме сериозно посветени на спортот. Тоа што можеме ние да го направиме е да помогнеме да се развива инфраструктурата и да се даде шанса на сите кои сакаат да спортуваат. Воведовме една амбициозна програма за поддршка на локалната самоуправа во која сериозни средства се наменети за спортот. Преку Министерството за спорт инвестираме и речиси нема место каде што не носиме спортска инфраструктура и на тој начин овозможуваме младите да практикуваат спорт.
Од друга страна, во тек се неколку законски измени што ќе овозможат финансиски олеснувања и можност за сериозни инвестиции во спортот. Сметам дека оваа синергија помеѓу инвестиции во инфраструктурата и можност за инвестирање во спортот ќе даде резултати. Ние како Влада сме тука секогаш кога можеме да помогнеме и да дадеме поддршка и нашата работа застанува тука, бидејќи сакаме да ја држиме политиката надвор од спортот, рече во своето обраќање министерот Николоски.
Скопје денес е домаќин на првиот Регионален спортски самит под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“.
На самитот меѓу другите присуствуваат и министрите за спорт на Република Србија, Зоран Гајиќ, на Црна Гора, Драгослав Шчекиќ, како и домаќинот, министерот за спорт на Македонија, Борко Ристовски.