Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во вечерашното гостување во емисијата ,,Што не е јасно” на Алфа телевизија, зборуваше за реакциите на власта на забелешките од страна на ВМРО-ДПМНЕ по однос на францускиот предлог и точките кои треба да се избришат и рече дека таму имало една атмосфера која најмногу се сведувала на тоа да се изигра на некој начин целиот процес, бидејќи, како што рече Николоски, власта нема храброст да си ги помине работите кои што самите ги договориле и ги ветиле и сакаат топката да ја префрлат во Собранието.
– Собранието нема надлежност во овој дел, затоа што преговарачка рамка за секоја држава која преговарала за членство во ЕУ и станала членка усвојува владата на соодветната држава и затоа се вика меѓувладина конференција, не се вика меѓусобраниска. Имајќи предвид дека немаат храброст, ја префрлаат топката во Собранието а Собранието нема надлежност да се занимава со со ова, тоа е прво.
Второ, наместо суштински да влезат во преговарачката рамка, како што ние предлагаме и точка по точка да се менуваат овие работи, тие предлагаат една општа декларација која што вака фино звучи, ама не значи ништо затоа што правно не обврзува никого. Ние нормално не сме наивни, го одбивме тоа и рековме дека или ќе разговараме за интеревенции во преговарачката рамка која што треба да ги направи владата, или воопшто да не разговараме. Тоа може многу едноставно да се направи, да се прифатат прифатат нашите барања и тоа да е политички договор, сме го правеле тоа за многу работи во државава од деведесеттите години навака и владата врз основа на тој политички договор да побара промена на преговарачката рамка, рече Николоски.
Николоски додаде дека не се спремни да го направат тоа затоа што очигледно месеци наназад ветиле дека ќе прифатат ваков договор, а всушност тоа можело и да се слушне во извештајот на бугарското МНР кое јасно ги проценило или ги прочитало како буквар, дека ништо не ги интересира освен почеток на преговори за да можат да направат шминка и слика дома дека нешто прават, но рече дека народот не е глупав и сега тоа им се враќа како бумеранг.