ВМРО-ДПМНЕ е единствената реална политичка сила која што може да се спротивстави и затоа ни е потребен чист мандат со 61 пратеник, за да не бидеме уценувани од ниту една политичка партија во формирањето на влада, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „За или Против“ на ТВ Алфа.
Николоски смета дека гласот за помала политичка партија е исто како да е глас за СДС и ДУИ.
Гласот за помала политичка партија е исто како да е глас за СДС и ДУИ. Значи треба граѓаните да одлучат дали ја поддржуваат оваа влада на СДС и ДУИ или не ја поддржуваат. Ако ја поддржуваат тогаш нека си гласаат директно за нив. Но, доколку не ја поддржуваат, тогаш треба да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Глас на средина не постои. Затоа што тоа се фрлени во вода гласови со овој изборен модел кој што го имаме пропорционален со 6 изборни единици, а тоа е тоа што го посакуваат СДС и ДУИ.
На прашањето што очекувате од Џафери кој изјави дека ќе владее исто како до сега, Николоски рече:
Очекувам да ги гази институциите како што тоа почна да го прави од првиот ден. Очекувам да ги злоупотребува институциите од службени возила па до најголемите буџетски средства. Очекувам да се обидува да ги понижува Македонците и очекувам Македонија да ја прави не двонационална држава, туку едно национална држава, држава на албанскиот народ.
Николоски потенцираше дека ДУИ има технички премиер и покрај тоа што има само 10 проценти од пратениците во собранието, укажувајќи дека за ова е виновна СДС која прифатила ваков договор.
Во однос на бројките, политичка партија која има само 10 проценти од пратениците во Собранието, е политичката партија која што има премиер, што е газење на целокупната изборната волја. На избори луѓето излегуваат со цел да изберат свои претставници кои потоа ќе се пресликаат во владата, за да ја реализираат нивната волја. Но, за сето ова е виновно СДС, бидејќи СДС прифати ваков договор и кој што го реализира овој договор, рече тој.
Николоски изјави дека изборот на Џафери е со намера да се понижува македонскиот народ, додавајќи дека кампањата на ДУИ е дека првиот премиер Албанец на Македонија е командант на УЧК.
Кого предложија за премиер и кој е изборот е дополнително со намера, со цел да се понижува македонскиот народ, бидејќи ако ја видите нивната кампања, нивната кампања е дека првиот премиер Албанец на Македонија е командант на УЧК. Значи тие директно одат во легитимирање на терористичка организација, се со цел да ја прикажат таа терористичка организација како ослободителна војска, истакна Николоски.