Притисок за уставни измени врз ВМРО-ДПМНЕ е невозможен, има само лобирања кои не ги прифаќаме, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостување во поткаст на „Радио лидер“, при што потенцираше дека и власта и сите видоа дека ВМРО-ДПМНЕ не гласа за уставните измени.
– Не прифаќам дека сме под притисок затоа што мислам дека е погрешен збор, можеби е поправилно да се каже дека се врши интензивно лобирање или убедување да ВМРО-ДПМНЕ прифати уставни измени, а не го прифаќам зборот притисок затоа што притисок можат да ви направат доколку имаат за што да ве притиснат, ако нема тогаш нема. За среќа ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема за што да е притиснато, имаме луѓе кои се чисти како солза и посветени на својата работа и не можат да бидат притиснати, уценети или натерани да бидат да прават работи кои не се согласно нивните убедувања., изјави Николоски.
Николоски додаде дека овој т.н. француски предлог во суштина е бугарски предлог ко беше прифатен минатиот јули и една година помина како велат кај да е ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа, а тоа не се случува.
– Тоа изгледа како народната приказна со волкот, или сега кога сите сфатија дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени одат на втора теза што ќе му се случело на ВМРО-ДПМНЕ ако не гласа. Ние бараме утре да ги стават на дневен ред во Собрание за конечно да се разбие оваа работа, за да заврши оваа приказна, рече Николоски.
Николоски нагласи дека целата работа личи на народната со лисицата и грозјето која не стигнала до него и на крај рекла дека е кисело.
– Година дена од СДС велат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа, кога видоа дека не гласа, велат ќе видите што ќе ви се случи. Ништо нема да ни се случи освен што тие ќе останат запаметени како најголеми предавници во историјата на македонскиот народ кои директно удрија во темелите и самобитноста на македонската држава и македонскиот народ. Нема втор пример во светот каде власта ги руши темелите на државата на која е власт, потенцираше Николоски.