Николоски најави дека партијата ВМРО-ДПМНЕ е во постојана комуникација со другите коалициски партии, а не исклучи и коалиција со Алијанса за Албанците и Алтернатива во мешаните средини.
– Се подготвуваме за локалните избори, имаме интензивни разговори со постојните коалициски партнери од коалицијата „За Обнова на Македонија“, но тоа само ќе се проширува. Имавме преку посредство на фондацијата „Конрад Аденауер“ еден интензивен и конструктивен дијалог со политичките партии Алијанса за Албанците и Алтернатива и тој дијалог треба да го продолжиме во наредниот период.
На прашање дали е можна коалиција со овие партии во мешаните средини, Николоски одговори со „зошто да не“.
Околу анкетата на ИРИ за локалните избори, Николоски кажа дека истата не мора да значи ништо.
– Анкети не се поедноставуваат и е многу чудно што е правена во месец март а е објавена во јуни. Маргината на грешка изнесува 6 проценти, додека стандардната маргина на грешка е под 3 проценти. Прашањето на анкетата исто така е нереално: Дали на изборите би гласале за Петре Шилегов од СДСМ или за „кандидат на ВМРО-ДПМНЕ“. На овој начин, граѓаните не можат да одлучат бидејќи не знаат кој е кандидат, а многу често луѓето одлучуваат за личност, истакна Николоски.
Тој додаде дека последните анкети кои ги направиле од ВМРО-ДПМНЕ и се теренски, покажуваат поддршка од 21% за ВМРО-ДПМНЕ, а 14 проценти за СДСМ.
Овие избори исто така, според Николоски, би можеле да бидат или „референдум за парламентарни избори“ или ќе бидат одржани заедно и парламентарни и локални избори, а тоа ќе го определи и кандидатот.