Светот веќе е длабоко навлезен во третата декада на 21 век и се изгледа многу различно од нашите големи очекувања и соништа кои често се поврзуваа со 2000тата година како меѓник кон новиот век, но и новиот милениум во кој сите ќе живеат среќно и хармонично. Но за жал случувањата повеќе ја потврдуваат теоријата на цикличност на историјата отколку теоријата за крај на историјата. Се случува војна на европско тло, исто како и во 20иот век, 19тиот век, 18тиот век итн. Се случува една држава земја членка на ЕУ да негира право на самоопределувања на цел еден народ. Како што Бугарија го негира постоењето на Македонците во 21 век, го негираше и во 20тиот век, 19тиот век итн. За жал историјата циклично се повторува. И затоа отворањето на македонски клуб во Благоевград- Пиринска Македонија, денешна Република Бугарија е огромен чин во насока на признавање дека постои македонски народ, македонски јазик, историја и култура.

Во вакви услови срамно е однесувањето на власта- на Владата предводена од СДСМ и ДУИ и Претседателот Стево Пендаровски. Никој од нив не отиде во Благоевград за им каже на Македонците таму дека македонската држава мисли на нив, ги подржува и стои позади нив. Никој!

Очигледно е дека презеле обврски кон Бугарија кои сега мора да се реализираат. Обврски кои не се од национален карактер туку од негаторски карактер. Само така може да се оцени ова однесување на власта.

Власта има дадено ветувања кои сега мора да ги реализира, а едно од ветувањата е дека ќе ја променат суштината на македонската држава, македонскиот јазик, македонската нација. Да ги променат и корените на македонската држава, нација и јазик кои си имаат свој јасен историски и политички континуитет кој оваа власт се обидува да го избрише и уништи. И тука е главниот судир со Бугарија која сака да докаже дека македонската држава, народ и јазик немаат историски и политички континуитет туку дека се вештачка творба. За разлика од нашето гледиште и вистина кои говорат за јасниот стремеж на македонскиот народ низ вековите да создаде своја независна држава со сите атрибути што таа држава треба и мора да ги има. И тука е најголемото зло што оваа власт го прави нанесувајќи тешки и несогледливи последици кои генерации и генерации ќе треба да ги санираат.

Затоа Претседателот на Владата не сакаше да се појави во Благоевград, а Претседателот на државата лажеше, затоа што тој кажа дека не можел да се појави дека не добил покана, но откако доби покана, истиот кажа дека не можел да присуствува затоа што имал однапред преземено обврски за други активности. Да дојдеа Шолц или Макрон да разбереш зошто не можел да присуствува, но видовме дека Пендаровски го немаше никаде, што значи дека немал преземено обврски туку не смеел да се појави во Благоевград затоа што и тој има преземено обврски кон Бугарија и затоа само претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски беше во Благоевград. Мицкоски на овој начин направи јасна дистинкција и покажа дека тој и ВМРО ДПМНЕ мислат и се грижат за сите Македонци насекаде во соседните држави и светот и како следна Влада силно ќе ги подржуваме.

Колку и да ја потценуваме Бугарија, таа постои како држава веќе 150 години, има институции кои имаат континуитет од век и половина. Безбедносните служби им работат добро споредено со компромитираните македонски служби. Овие кои се сега на власт кај нас да не мислат дека тоа што го презеле како обврска не е документирано. Им стигаат “папки” на масата што обврски преземале. Кога Димитар Ковачевски се охрабри во Собрание да рече дека ќе оди на отворањето на клубот веројатно уште истиот ден добил “потсетување” на биро во вид на папка, усб стик или слично, во кои го потсетиле што обврска презел, и затоа мораше да остане во Скопје, затоа што е компромитиран.

Се додека имаме ваква власт каде на тацна ги имаат дадено националните интереси ние не можеме да очекуваме друг однос кон Македонија.

Но доаѓаат подобри денови. Цикличноста на историјата понекогаш е добра зашто има и светли моменти во историјата кои вреди да се повторат. Македонскиот народ имаше такви светли моменти и во 19тиот и во 20тиот век, се креваше на востанија, се бореше и создаде независна македонска држава, ќе дојдат пак светли моменти.

Kолумна на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, за неделникот „Фокус“