На прес-конференција во Битола, Николовски изнесе тврдење дека кога РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“ и хидроелектраните „би работеле така како што треба“, земјава целокупната потрошувачка на енергија за домаќинствата и стопанството може да ја произведе дома по исклучително ниска цена.
– РЕК „Битола“ е комбинатот што произведува над 80 проценти од електричната енергија во државата. Тоа е срцето на македонската економија и на македонските домови, но за жал РЕК „Битола“ е комбинатот кој во изминатите пет години е уништуван за да стигне до фаза според најавите на Зоран Заев до 2027 година да биде целосно изгаснат. Неговото згаснување значи уништување на животите на околу 7.000 битолчани кои директно или индиректно ја наоѓаат својата среќа и егзистенција преку комбинатот, но и индиректно уништување на македонското стопанство. Многу веројатно е дека Македонија во текот на зимата ќе нема струја, многу веројатно е дека ќе има рестрикции за струја во текот на зимата и тоа е така заради неодговорното работење, изјави Николовски
Тој додаде дека граѓаните би требало да знаат дека земјава има доволни капацитети за да ја произведе целокупната струја што ја троши.
Според информациите на потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски, капацитетот на РЕК „Битола“ е 660 мегавати на час, а во моментов работаат само два блока со производство на струја колку за еден блок.
– Според нашите информации јаглен има само за две недели, а потоа повторно ќе има проблем со производството на електрична енергија. Нема концепт, не се гледа решение, а идејата за носење јаглен од Косово е нереална, затоа што Битола нема инфраструктура што ќе издржи 500 камиони што ќе пренесуваат јаглен, истакна Николоски.