Игор Николов како претседавач на Советот на општина Бутел, смета дека градоначалникот Дарко Костовски, како млад и динамичен спортист е активен и прилично ги движи работите.
– Навистина имаме еден склоп на младоста со искуството, се реализираат проекти кои се посебно важни за младите да имаат простор каде да спортуваат и практично голем акцент е ставен на големиот број игралишта кои ги отворивме. Ние во наше време во Бутел немавме такви игралишта, вели д-р Николов.
Тој посочи дека во моментов Бутел е атрактивна населба, која е најспортска населба во Македонија и од тука имаме врвни спортисти, посебно имаме врвни достигнувања во борење, таеквондо и индивидуални дисциплини кои ја позиционираат Македонија на прилично високо ниво.
Прашан за состојбата во Советот на општина Бутел вели дека имаат мнозинство и добра меѓусебна комуникација со сите политички структури во рамки на општината.
– Се случува едногласно да се носат одлуки зашто станува збор за луѓе од Бутел, а таков е примерот кога се носи одлука за игралиште, кога нема причина некој да биде против. Со градоначалникот Дарко Костовски ги укинавме сите трошоци за репрезентација, угостителски услуги и немаме службени возила, подвлече тој.