Пратеничко прашање до министерката Јаневска за образовниот систем
Пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, на денешната седница за пратенички прашања ја критикуваше процедурата за стекнување на звањата наставник ментор и наставник советник во основното и средното образование. Таа посочи дека процесот е дизајниран како административен лавиринт кој служи за партиски награди или елиминација, создавајќи системско понижување на македонскиот наставник.
„Денеска ќе зборувам со документи, со броеви на Службен весник, со конкретни докази во однос на прашањето за образованието, низ коишто ќе видиме како Министерството за образование ги наградува најдобрите наставници. Според она што го имаме како информација, но и како факти, процесот за стекнување звање наставник ментор и наставник советник во основното и средното образование е административен лавиринт дизајниран за партиски награди или елиминација, како сакате, и системско понижување на македонскиот наставник. Министерке, постои едно златно правило кое што вели правилата не се менуваат кога натпреварот е веќе почнат, но најверојатно за вас и за Министерството за образование ова не важи. Ајде еве да ја видиме хронологијата. На 30-ти јуни 2025 година вие го донесовте првиот правилник за начинот на следење и вреднување на работата на наставниците“, истакна Николова.
Измени на правилникот и образовен туризам
Николова нагласи дека Министерството за образование направило измени на правилникот кои го продолжиле рокот за работа на комисиите од 30 на 60 дена, што според неа овозможува партиско креирање на ранг-листи. Таа го критикуваше и воведувањето на можност наставникот да биде оценуван во друго училиште, што го нарече „образовен туризам“.
„Со истата таа измена воведовте нечуен преседан, овозможувавте наставникот да може да биде оценуван и во друго училиште, а не во она коешто работи. Ве прашувам каков е овој образовен туризам? Зошто некои наставници беа оценети во своите училишта, со своите ученици, со своите ресурси, во своите училници, а други кои што имаа помалку среќа беа праќани во други градови, пред други ученици кои што за првпат ги среќаваат и во училници во кои што за првпат влегуваат“, изјави Николова.
Таа критикуваше и вмешување на претставници од општинската администрација и синдикатите во комисиите за евалуација, потенцирајќи дека тоа ја нарушува стручноста на процесот и создава притисок врз оценувачите.
Проблеми со признавање на сертификати и бодови
Пратеничката истакна сериозни проблеми со признати сертификати и бодови за наставници, вклучувајќи сертификати од обуки и учество на меѓународни натпревари. Според неа, комисии ги поништуваат овие напори, што резултира со дискриминација меѓу наставниците и создавање на нееднаквост.
„И сега кога аплицираат за наставници ментори, вашата комисија вели овој сертификат не го признаваме. Како е можно со една рака да потпишувате за вакви обуки, а со друга да им ги фрлате сертификатите на наставниците во корпа? Дали свесно се замајуваат наставниците да трошат време на проекти кои што вашите комисии ќе ги обезвреднат?“, нагласи Николова.
Таа посочи и дека на официјалниот сајт за „Кариерно напредување на наставниците“ дел од наставниците не можеле да ги видат своите бодови, додека другите можеле, што го нарече директна дискриминација.
„Министерке, зошто ги сокривте бодовите на 12 март ако сè уште трае оценувањето? Дали затоа што некои наставници видоа дека се оштетени и почнаа да реагираат? Како може во иста постапка едни наставници си ги знаат поените, а други не? Ова е директна дискриминација. Вие свесно создавате нееднаквост помеѓу кандидатите од исти училишта или кандидати од различни училишта. Што се плашите дека ќе видат на сајтот? Затоа ви го поставувам прашањето дали ќе реагирате на целиот овој процес во кој што правилата се менуваат и не важат исто за сите комисии. Дали во текот на самата евалуација ќе видите какви пропусти се направени, ќе направите целосна ревизија на бодирањето за да може сите наставници да си ги реализираат своите права и навистина да биде ценет трудот на наставникот“, заклучи Николова.
