Македонскиот традиционален ајвар се најде на првото место на TasteAtlas Awards, како една од најдобрите закуски во светот за 2023 година. Веста за признанието за квалитетната закуска, која кај нас се приготвува традиционално, во речиси секое семејство, ја сподели Љупчо Николовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тој вели дека вакцвите вести го прават среќен, и потсетува на поддршката за малите производители со грантови до 10.000 евра, за набавка на опрема за модернизација, афирмација и промоција на своето производство.

Грантовите за кои можат да аплицираат земјоделците, со цел да се модернизираат земјоделските стопанства стануваат се попопулрани кај нас. Интересот за нив, посебно од страна на младите земјоделци бил голем, па така за мерката „Бизнис план“ од Програмата за рурален развој, која е воведена за првпат како дел од најголемата земјоделска реформа, Николовски за ,,Фокус” открива дека има голем број на апликанти. Како што вели, посебно го радува тоа што бројот на младите земјоделци кои аплицираат за поддршката расте, со што се отсликува нивната цел, да се поддржат младите земјоделци и жените во земјоделието, и да им се помогне со нова и модерна опрема да го развиваат производството.

-Подобар квалитет, повисоки стандарди и ефиксност, а помали трошоци, тоа и е нашата цел кога станува збор за поддршката која ја доделуваме на земјоделците. Веста дека нашиот традиционален производ од црвена пиперка, ајварот, се најде на листата со најдобра храна многу ме радува. Затоа и се залагаме поддршката за малите производители да стигне на вистинската адреса, и со набавената опрема да се модернизира, афирмира и промовира квалитетното производство- вели министерот.

Како една од најпопуларните мерки е ,,Бизнис план”, која стартуваше годинава во мај, а наменета е за да ги поддржи вистинските земјоделци, односно индивидуалните земјоделци и правни лица чија основна дејност е земјоделското производство.

Поддршката е во форма на кофинансирање во висина до 10.000 евра по корисник и истите можат да се искористат за набавка на земјоделска механизација, пчеларска опрема, силоси, опрема во објекти за производство на храна од животинско или неживотинско потекло, опрема за навигација и смарт земјоделство на постоечки трактори, комбајни и приклучна механизација, машини за разбивање на мраз, инвестиции во објекти на фарми за обновливи извори на енергија за сопствена потрошувачка, опрема за производство на тутун, како и набавка на хардвер и софтвер за примарно земјоделско производство.

Финансирањето се врши врз основа на склучен Договор за одобрена инвестиција, а исплатата се врши по целосна реализација на инвестицијата, по принцип на ко-финансирање во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци.

Но, ставката на ко-финансирање во одредени случаи ќе биде и поголема од 50% и тоа: 55%, за инвестиции поднесени од млад земјоделец на возраст од 18-40 години, 60% за инвестиции во подрачје со ограничени можности; 65% за инвестиции за млад земјоделец во подрачје со ограничени можности и 75% за инвестиции во недостапни рурални заедници.

Ваквата градација овозможува поголема поддршка за младите земјоделци кои секогаш се во фокусот на нашите политики, како и поголем развој на руралните средини.

Градација има не само во процентот на кофинансирање, туку и при бодувањето за избор, при што најмногу бодови, ќе добијат индивидуалните земјоделци или правни лица на кои земјоделството им е основна дејност. Исто така приоритет имаат и младите земјоделци и жените земјоделки.