Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска ја посети компанијата за производство и преработка на млечни прозиводи „Вардарец“ во валандовско Удово.

Како што рече Николовски, „Вардарец“ е успешен пример за искористеност на ИПАРД програмите за инвестиции во производството.

Тој истакна и дека идниот месец се очекува Европската комисија да ја усвои новата ИПАРД 3 Програма 2021-2027 за нашата држава и откако ќе бидат завршени административните процедури, ќе биде објавен првиот јавен повик од ИПАРД 3.

Според министерот, максималната искористеност на ИПАРД програмите останува во фокусот на земјоделските политики.

 – Во периодот 2017-2019 година ставивме силен акцент за мотивирање и зголемување на корисниците на европската ИПАРД: се олеснија административните процедури за конкурирање за мерките, се скрати времето за склучување договори од 12 на 6 месеци, од 2017 до 2019 се исплатија 20 милиони евра на 1.198 корисници, а од 2017 до 2021 се исплатија 35 милиони евра на 2.098 корисници. Македонија ќе продолжи да биде лидер во искористеноста на ИПАРД, тоа е влог во развојот на земјоделството и економијата, изјави Николовски.

При посетата на млекарницата „Вардарец“, министерот беше придружуван од градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадиновски, како и од директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски.

Бачовски информира дека на „Вардарец“ и се исплатени 300 илјади евра за инвестиции во изградба на објектот, набавка на опрема за преработка на млекото и за преработка на млечните производи и усовршување на стандардите на ХАСАП системот.

ИПАРД 2 програмата функционира досега перфектно, доаѓаме во фаза во која го носиме приматот на лидери на Западен Балкан, а останатите држави не контактираат за да ги искоритат нашите искуства и знаење. Работиме и натаму на носење на програмата ИПАРД 3. ИПАРД Програмата е широка, нуди поддршка за капацитетите за преработка на млеко, вино, откупни центри, кланици, но и за капацитетите кои развиваат рурален туризам, изјави директорот.

Според Костадинов, ваквите инвестиции значат сериозен развој и за регион.

– На нас како локална самоуправа ни е многу значајно што на оваа индустриска зона се полнат парцелите со нови инвеститори, но исто така се покажува и спрегата и партнерскиот однос на државата, приватниот сектор и локалната заедница. Семејството Кавазови, односно „Вардарец“, е многу битен економски субјект за Валандово, посебно начинот на кој компанијата се развива, односот што го има со кооперантите и со своите клиенити, како и со локалната наша заедница, рече градоначалникот.

Основачот на компанијата, Кавазов изјави дека млекарницата постои и успешно работи 25 години, а благодарение на ИПАРД, инвестирано е во модернизација на производството.

Како што подвлече министерот Николовски, продолжуваат теренските средби со сите земјоделци и агробизнисмени.