На трибината беше претставен кандидатот на СДСМ за градоначалник на Крива Паланка, Сашко Митовски, носителката на советничката листа Изабела Павловска како и кандидатите за советници.
Николовски посочи дека во изминатите четири години Крива Паланка се крена од мракот во којшто беше оставена, се реализираа капитални инвестиции во секоја област, а и во следниот период приоритет на Владата за Крива Паланка ќе бидат инвестициите.
– Со одобрение од претседателот на Владата денес објавувам дека во следниот период токму во овој регион, Старо Нагоричане, Ранковце и Крива Паланка ќе се реализира голема инвестиција вредна 500 милиони евра од страна на Германска компанија која ќе изгради ветерен парк. Тоа ќе овозможи економски раст на регионот и отворање нови работни места, рече Николовски.
Според него, токму овој регион е вратата кон Европа.
– До крајот на оваа година ќе се избере изведувач за првите две фази за изградба на пругата Куманово – Бељаковце, Бељаковце-Крива Паланка 70 милиони евра грант. Следната година ќе се објави тендер за избор на изведувач за третата фаза од Крива Паланка-Деве баир. Крива Паланка, е и една од општините опфатена со проектите преку ТАВ програмата и преку владиниот проект за „Изградба и рехабилитација на локални патишта, со кој се инвестираат нови околу пола милион евра, рече Николовски.
Нагласи дека во изминатиот период во Крива Паланка и регионот е инвестирано буквално во секоја област.-Инфраструктурата за која некогаш само се говореше, денеска е преточена во план, програма и реализација. Над 100 милиони евра се инвестираа во патната инфраструктура во нашиот крај. Само експресниот пат до Ранковце е над 50 милиони евра. Не се тоа само бројки големи, тоа е реалноста која ние ја гледаме секој ден и насекаде. Нашиот народ ваков однос заслужува. Не велиме ние дека е ова доволно, не, ние велиме тргнавме и вака продолжуваме, додаде Николовски.
Го потенцираше и експресниот пат Крива Паланка – Ранковце кој се гради интензивно, се гради и третата лента од патот Крива Паланка – Деве Баир 13 милиони евра, а непречено се одвива и реконструкцијата на магистралниот пат Куманово – Страцин, а заврши рехабилитацијата на регионален пат Самоков – Село Добровница – Село Луке и село Крстов Дол. Вложуваме и во железничката инфраструктура.
Тој порача дека СДСМ продолжува да го развива регионот со најдобрите проекти за општините.