Во рамки на работната посета на Брисел, Белгија, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, денеска одржа состанок со потпретседателката на Европската комисија надлежна за вредности и транспарентност, Вера Јурова.
Акцент на состанокот беше ставен на мерките од владиниот План за борба против корупција, а кои се однесуваат на зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите, како еден од клучните механизми за борба против корупцијата. Вицепремиерот Николовски, ги презентираше мерките од Планот кои се реализираат, како што се воведувањето на интерни процедури за јавни набавки од страна на институциите, подготовка на годишни антикорупциски програми, исполнување на препораките од ГРЕКО, новиот поприменлив Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, одлуките за ограничување на службените трошоци на функционерите за угостителски услуги за работни состаноци и за користење на службените возила, како и другите мерки од Планот.
При тоа, вицепремиерот посочи дека Владата континуирано работи на проактивната транспарентност и отчетност кои се основата за борбата против корупцијата. Од страна на потпретседателката Јурова беше упатена поддршка за имплементација на Планот за борба против корупција и беше посочено дека стојат на располагање за користење на искуствата од земјите членки на ЕУ во делот на транспарентноста и владеењето на правото.
„Македонија континуирано вложува огромни напори во европеизацијата на институциите, со Планот за борба против корупција ги имплементираме европските стандарди и вредности, ја носиме Европа дома”, порача на средбата вицепремиерот Николовски.