Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска имаше средба со словенечкиот амбасадор Милан Предан.
На средбата, како што соопшти Николовски преку својот фејсбук профил, станало збор за поддршката што земјава ја добива од Република Словенија во евроинтеграциските процеси, како и за мерките што ги презема МЗШВ за да помогне во намалувањето на последиците од кризата преку зголемување на извозот на свежо овошје и зеленчук.
-Ја продлабочуваме и продолжуваме соработката со Словенија во областа на земјоделството. Преку акциските планови на нашите министерства даваме силна поддршка на здруженијата на млади земјоделци, поддршка на жените во руралните средини, развој на агротуризмот, и изградба на системи за еколошка заштита на природата, наведе Николовски.
Според него, голем број словенечки експерти го помогнаа процесот на усогласување на законската регулатива, а преку ИПА проектите е обезбедена значајна поддршка во процесот на институционално зајакување на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и сродните институции со цел да се исполнат стандардите и критериумите на ЕУ.