2025 година беше успешна за Царинската управа, како една од клучните столбови на државата и економијата. Таа обезбедува значителни приходи и има важна улога во полнењето на Буџетот.

„Резултатите кои ги постигнавме се видливи и мерливи, но секогаш може повеќе, вели Бобан Николовски, директор на Царинската управа во интервју за „Република“.

Тој е задоволен од приходите наплатени во изминатата година, кои овозможуваат повеќе средства за здравство, образование и за патна и железничка инфраструктура.

„Во 2025 година Царинската управа наплати приходи од 131,6 милијарди денари или 2,14 милијарди евра што претставува раст од 5,2 % или 105 милиони евра повеќе споредбено со 2024 година. Раст е забележан по сите основи, при што приходите од царина бележат раст од 15,5 %, од данок на моторни возила 12,5 %, од акциза за 5,9 % и од ДДВ при увоз за 3,2 %. Како Царинска управа имаме континуирано зголемување на приходите во Буџетот, но и зголемување на оперативните резултати во царинските постапки. Ова не е случајност. Ова е резултат на секојдневна напорна работа, професионализам и посветеност. Секогаш може подобро. Резултатите што ги имаше постигнато минатата влада на СДСМ ги надминавме без поголеми потешкотии, имајќи предвид дека затекнавме девастирана Царинска управа. Го подобривме и односот со бизнисмените, транспортерите и со сите други учесници во царинската постапка“, вели Николовски.