Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во рамки на самитот Отворен Балкан, денеска во Белград заедно со министрите за земјоделство на Србија и Албанија, Бранислав Недимовиќ и Фрида Крифца потпишаа Договор за соработка помеѓу трите држави во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан.
Преку потпишувањето на овој договор се потврдува принципот на солидарност, меѓусебна соработка и поддршка што е и основната цел на Иницијативата Отворен Балкан.
Сите држави во светот, како последица на војната во Украина, се соочуваат со сериозна криза и предизвик како да обезбедат доволно храна. Овој договор ја има токму таа цел, да утврди јасен начин за непрекината трговска размена овозможувајќи стабилен и непречен проток во снабдувањето со основните земјоделско-прехранбени производи помеѓу земјите членки на Отворен Балкан.
Земјите членки на Отворен Балкан преку овој договор се согласни да нема меѓусебни забрани за тргување со основни земјоделско-прехранбени производи, како и укинување на сите квантитативни ограничувања на увозот или вршење на реекспорт во трети земји за основните земјоделско-прехранбени производи кои потекнуваат од членките на Иницијативата Отворен Балкан.
Во рок од 30 дена ќе се формира Заедничка работна група за да ја следи имплементацијата на овој Договор. Исто така Севрна Македонија, Србија и Албанија заедно ќе извршат мапирање на капацитетите за складирање на основните земјоделско-прехранбени производи и во рок од 90 дена трите држави ќе подготват план за политики за подобрување на капацитетите за складирање на основните земјоделско-прехранбени производи во рамките на иницијативата “Отворен Балкан“.
Трите држави членки на Отворен Балкан заеднички ќе работат во развивање на АКЦИСКИ ПЛАН 2030 – ЗА ОБЕЗБЕДЕНОСТ СО ХРАНА ВО РАМКИ НА ИНИЦИЈАТИВАТА „ОТВОРЕН БАЛКАН“. План чиј фоус се следите иницијативи справување со ефектите од климатските промени, дигитализација и иновации во прехранбената индустрија, одржливост во производството на храна во регионот и синџири на вредности во земјоделско –прехранбената област.
Ни претстои тешка зима, но граѓаните во сите три држави можат да бидат спокојни бидејќи одговорно ги преземаме сите мерки за да ги надминеме сите предизвици со кои можеме да се соочиме.
Само сплотени можеме од оваа криза да поминеме со помали последици и токму затоа заеднички и солидарно обезбедуваме доволно храна за нашите граѓани.