Успеавме за десетина дена да ги решиме најголемите проблеми со Синохидро и да најдеме решение за косините и свлечиштата, истакна заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Во гостувањето на ТВ Сител тој потенцираше дека во изминатиот период со изведувачот Синохидро се воделе интензивни разговори каде се постигнало решение, тие да се откажат од арбитражната постапка и со тоа да се заштеди 50 милиони евра пари од буџетот на државата.
Во однос на техничките решенија со свлечиштата, министерот објасни дека се изнајдени две опции за санација на косините и дека со сите наследени проблеми, автопатската делница ќе биде завршена до крајот на 2026 година.
“ Објективниот проблем е со состојбата со теренот на трасата кај што не се гледа а тоа над Кичево до Дебрца и тука тој терен е многу проблематичен. Седнавме со изведувачот и побарав да прават што ќе прават, да најдат решение и да се заврши. И очегледно таа беше формулата бидејќи во рок од десетина дена со интензивни раговори тие се откажаа од арбитражата каде што Македонија потнецијално ќе изгубеше 50 милиони евра а тоа за земја како Македонија се многу пари. И втора работа е да се решат проблемите со свлечиштата и косините на еден модерен начин. Решенијата не се голема филозофија или ќе се оди со галерија, тоа е како тунел, не целосно затворање тука само со покрив или опција е само со шипови за стабилизација на косините и до крај на 2026 година автопатот ќе се заврши”, истакна Николоски.