Ниту ангажираните 90.000 полицијаци во Франција не успеаа да спречат немири. На новогодишната ноќ беа уапсени речиси 400 луѓе поради немири и палење автомобили, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин, додавајќи дека со зголемените безбедносни мерки, забележани се помалку инциденти од претходно.

Низ целата земја се уапсени 380 бунтовници, што е за околу 10 отсто помалку во споредба со претходната новогодишна ноќ, рече Дарманин, пренесува АП.

Властите потврдија дека биле опожарени 745 возила, што е исто така за 10 отсто помалку од лани, а околу 40 полицајци се здобиле со полесни повреди, што е дури за 40 отсто помалку од лани, додаде францускиот министер за внатрешни работи.

Француските власти претходно најавија дека за новогодишната ноќ низ цела Франција ќе бидат зајакнати безбедносните мерки со распоредување на 90.000 полицајци.

Во Париз, главното место за прослава беше авенијата Шанзелизе, Триумфалната капија беше облеана во светлата на огномет и видео проекции, а Дарманин потврди дека во тој дел на Париз се собрале повеќе од милион луѓе.