Владата во изминатите две години работи на реализација на голем број инфраструктурни и развојни проекти, а низ државата има повеќе од 1.200 активни градилишта и проекти, изјави премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба.

Тој истакна дека е свесен за разочарувањето на граѓаните од досегашните ветувања и за секојдневните предизвици со кои се соочуваат семејствата, нагласувајќи дека носителите на јавни функции имаат обврска да ја оправдаат довербата што им е дадена.

Пред тие луѓе секој носител на јавна функција мора да покаже скромност и почит. Нивната мака заслужува одговор, нивното време заслужува почитување, а нивната доверба мора да се оправдува секој ден. И кога ќе речат од опозицијата: „Што направивте за две години?“… За две години, со огромни проблеми и многу пречки, резултатот е градба на шест нови автопатски делници: Блаце–Скопје, Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани, Прилеп–Битола, Кичево–Охрид, Букојчани–Кичево, експресниот пат Градско–Фариш–Дреново, пруга од Куманово до Бељаковце, сега втората, па третата фаза до границата со Бугарија, далекувод Битола–Елбасан. Два нови студентски дома, осум училишни домови кои отпочнуваат со фаза на реализација. 90 милиони евра во образовна инфраструктура. Два нови гасоводни интерконектори кон Грција и кон Србија. Половина милијарда евра за инфраструктурни проекти за општините и поддршка за македонските компании. Најниска инфлација во Европа, меѓу највисоките растови во Европа. Над 1.200 активни градилишта и проекти низ целата држава. И така ќе продолжиме, кажа Мицкоски.

Колку ниско и да напаѓаат тие, ние ќе одговараме со работа и енергија. Одговорот е и во сплотеноста на народот и јасните цели. Реализациите на тие цели, барем за македонскиот народ, никогаш не биле лесни и послани со рози. Напротив, тешки биле и макотрпни. Дали на патот до тие цели има предизвици и грешки? Да, има. Но тие грешки никако не смеат да бидат геостратешки и катастрофални. Како што Организацијата пред повеќе од еден век зацртала свои цели и идеали и се стремела кон нив, така и ние денес треба да се обединиме околу еден стожер наречен национални интереси и тоа да го спроведуваме без разлика на пречките кои ни се на патот, рече Мицкоски.

„Слободата добива целосна смисла кога граѓанинот може слободно да зборува, чесно да заработува и спокојно да го планира животот. Кога законот важи еднакво за влијателниот и за обичниот човек. Кога партиската книшка ја губи моќта пред знаењето, трудот и способноста.Тоа е државата што сме должни да ја создаваме.И тука одговорноста започнува од нас што ја имаме довербата да управуваме. Функцијата е привремена, а последиците од нашите одлуки остануваат,“ изјави премиерот.