Министерството за внатрешни работи денеска во периодот од 6 до 9 часот спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Републиката за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 211 возачи.

Од нив, како што е наведено во соопштението од МВР, 18 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа,109 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 102 надвор од населено место.

Од МВР посочуваат дека засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.