Њу Делхи денеска е обвиен со густа токсична магла по празникот Дивали, хинду фестивал на светла, кој се слави со мноштво маслени светилки и свеќи кои гореа цела ноќ, а се користат петарди иако тие се забранети во Индија, пренесува Ројтерс.

Во најзагадените области на Њу Делхи, нивото на штетни честички беше 15 пати поголемо од просечната дневна граница за безбедност на квалитетот на воздухот поставена од Светската здравствена организација.

Врховниот суд на Индија ја забрани продажбата на петарди во Делхи, а локалната власт апелираше до жителите да го прослават Дивали без нив, но тоа остана без успех.

Некои во главниот град на Индија, со околу 20 милиони жители, успеаја да добијат петарди кои се слушаа до раните утрински часови за годишниот фестивал на светлината.

Чадот од петардите, маслените светилки и свеќите во комбинација со индустриските емисии на штетни гасови, создадоа густа отровна жолто-сива магла што го обви Њу Делхи и другите индиски градови. Многу жители на главниот град веруваат дека индиската влада не прави доволно за да се справи со загадувањето.

Научното списание „Лансет“ објави дека 1,67 милиони смртни случаи може да се припишат на загадениот воздух во Индија во 2019 година, вклучително и скоро 17.500 во Њу Делхи.