Пленарната седница за уставните измени е закажана за 18 август. Дебатата, согласно Деловникот, може да трае десет работни дена, но гласањето не мора да се одржи по исцрпување на листата на говорници. За да се гласа, Собранието мора да го има потребното мнозинство.

Според претседателот на Собранието, Талат Џафери, нема краен рок за гласање по предлогот, но крајниот рок за завршување на постапката за носење на уставните измени е ноември.

– За 18-ти е закажана седницата за да почне расправата на пленарната седница по однос на иницијативата за уставни измени и таа во принцип трае не подолго од десет работни дена. Тоа е процедурата и тоа се роковите по коишто се раководиме. Чинот на гласање не е врзан за последниот ден. Тоа го предвидува и Деловникот, тоа го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени затоа што Собранието одлучува доколку има потребно мнозинство за одлучување. Така што, до тие рамки не можам да претпоставам што ќе се случува и како ќе се случува. Во тој контекст, формално Собранието ќе почне со работа на 18-ти, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено тоа зависи од конкретната состојба на тековните денови, појасни Џафери вчера на брифинг со новинарите.

И претседателот на државата Стево Пендаровски не верува дека гласањето за уставните измени ќе биде во август, но вели дека крајниот рок за гласање е 30 ноември кога завршува скринингот. Ако до тој момент не го промениме Уставот, вели Пендаровски, во сила стапува самоблокада.

– Мојата проценка е дека или ќе се направи сериозен обид да се обезбеди двотретинско мнозинство или нема зошто да се форсира брзо гласање, кога во овој момент е јасно дека нема двотретинско мнозинство во Собранието, изјави вчера Пендаровски.

Во моментот, според Пендаровски, не постои план Б, освен да се направи компромис за уставните измени.

-План Б оваа Влада нема. Планот Б е планот А, а тоа е да се обидеме да направиме компромис. Ако опозицијата има мислење да дојдат на власт и потоа сериозно да не се обидуваат да го променат Уставот и да ги внесат Бугарите внатре, тогаш дури и да ги направиме изборите порано, само порано ќе се самоблокираме. Изборите не вршат работа од аспект на овој проблем што го имаме, рече Пендаровски.

В понеделник во Парламентот ќе се одржи редовна координација на која ќе се разговара за организациски работи за периодот по одморите имајќи предвид дека од 1 август формално пратениците се на одмор без оглед што на 18-ти ќе имаат обврска да дојдат на седница. Според најавите на претседателот на Собранието, веројатно ќе се определи термин за средба на ниво на координатори пред почетокот на седницата за уставни измени на 18 август.

Опозицијата останува на ставот дека уставни измени под, како што велат, бугарски диктат нема да има.

Предлогот за уставни измени во вторникот го помина првиот собраниски филтер на Комисијата за уставни прашања на која пратениците од опозицијата гласаа „против“. Тие бараат предвремени парламентарни избори доколку не успеат уставните измени.

Според претседателот на Собранието, не е предуслов ако нема гласање за уставни измени, дека ќе мора да се оди на предвремени избори.

– Предвремени избори може да се има само во една ситуација, а таа ситуација е да се поднесе предлог – одлука за распуштање на Собранието и како што предвидува Уставот во рок од 60 дена од одлуката да се организираат избори, рече Џафери.