Репрезентацијата на Данска е последниот патник во четвртфиналето, откако во последниот натпревар од третото коло од групната фаза го совлада Египет со пет гола разлика, 30:25 (17:12). Со победата над Египет, актуелниот светски првак заврши како првопласирана селекција во четвртата група.

Во дербито од третата група, селекцијата на Норвешка славеше против Германија со 28:26 (18:16). Во сите 60 минути имаше голема неизвесност, иако норвешката репрезентација во првиот дел беше подобриот противник на теренот, сепак, вторите 30 минути минаа во голема борба за секоја топка и само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од дербито.

Двете репрезентации наизменично се менуваа во водство во последниот период, а селекцијата на Норвешка успеа во финишот да го сврти резултатот во своја корист и да се израдува на победа, со која го освојува првото место во третата група.