Норвешката принцеза Мете-Марит, сопруга на престолонаследникот Хаакон, повторно јавно се извини поради нејзиното пријателство со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, откако нејзиното име повторно се појави во новообјавените документи на американските власти.
– Се извинувам за лошата проценка што ја направив и за ситуацијата во која го доведов кралското семејство, особено кралот и кралицата – изјави Мете-Марит во соопштение објавено од норвешката кралска палата.
Контроверзата повторно се актуелизираше откако американското Министерство за правда минатата недела објави нови досиеја поврзани со случајот Епстин. Во нив се наведува дека постоела обемна електронска преписка меѓу принцезата и Епстин, и тоа по 2008 година, кога тој веќе беше осуден за сексуални злосторства врз малолетници.
Принцезата призна дека направила „сериозна грешка во проценката“ со тоа што одржувала контакт со Епстин, но новите објави повторно ја ставија под силен јавен и политички притисок.
Норвешкиот премиер изјави дека Мете-Марит, како и другите јавни личности чии имиња се појавуваат во документите, имаат обврска јасно да објаснат каква била природата на нивните контакти со Епстин.
Скандалот доаѓа во чувствителен период за норвешкото кралско семејство, кое веќе се соочува со сериозни предизвици. Посебно внимание во јавноста предизвикува и судскиот процес против Мариус, синот на Мете-Марит од претходна врска, кој се соочува со обвиненија за силување и семејно насилство.
