Министерството за одбрана наскоро ќе објави оглас за прием во Армијата
Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека Министерството за одбрана ќе објави конкурс за прием на 300 нови војници, најверојатно во пролетниот рок.
– Кога ќе стигнат сите потребни документи од Министерството за финансии, ќе ги објавиме конкурсите. Се надевам дека тоа ќе се случи веќе во пролет, за да можат повеќе кандидати да се натпреваруваат и да станат дел од Армијата, изјави Мисајловски за Сител.
Зголемување на примањата и статусот на војниците
Министерот посочи дека интересот кај младите е голем, а офицерскиот кадар и специјалните единици се на високо ниво на обученост. Мисајловски додаде дека со зголемувањето на буџетот за одбрана ќе се подобри и статусот на припадниците на Армијата.
– Минатата година сите вработени во Министерството добија 30 отсто покачување на платите. Со зголемувањето на буџетот, ќе гледаме и нашите кадри да бидат подобро платени, што можам да го ветам, рече Мисајловски.
Решение за задржување на искусните војници
Министерот истакна дека наскоро ќе биде донесено решение со кое ќе се овозможи задржување на војниците кои ќе наполнат 45 години, со цел тие да продолжат да придонесуваат во Армијата.
– Има иницијативи за тоа како да ги задржиме сите војници над 45 години. Мислам дека наскоро ќе има решение со кое сите ќе бидат задоволни и ќе можат дополнително да го даваат својот придонес во Армијата, додаде Мисајловски.
