Невладини организации и здруженија во кои еден од сопствениците е Хисен Џемаили, директор на Управата за животна средина во Министерството за животна средина добија грантови од тоа министерство. Од Министерството за животна средина велат дека Џемаили не бил во никаков деловен однос со тие здруженија и дека тука не станува збор за судир на интереси. Сепак, документите од Централен регистар и Службениот весник од 14 април покажуваат нешто сосема друго, пишува порталот мкд.мк за скандалот во Министерството за екологија.

Според извештајот Хисен Џемаили, кој е директор на Управата за животна средина во Министерството за животна средина во исто време е еден од основачите за Здружението на жители на село Вејце кое од Министерството добило 250.000 денари за активности и проекти од областа на животната средина – „дејствувај зелено“.

МКД.мк објавува дека и син му на Џемаили е директор на фарма индиректно поврзана со друго здружение кое добило грант од истото министерство. Џемаили е и еден од сопствениците на здружението “Моунтаин ассоцциатион Еагле” од Тетово, кое според Службен весник од 14 април исто така е добитник на грант за „упатства за следење и учество во спроведување во политиките за заштита на животната средина“.