Општина Кавадарци ќе гради нов кружен тек во централното подрачје на градот, во близина на комплексот Литл Америка и маркетот Лидл, соопшти денеска градоначалникот Митко Јанчев. Проектот е дел од стратегијата за модернизирање на урбаната инфраструктура и олеснување на сообраќајот во градот.
– Посебна благодарност до Лидл за донацијата и поддршката во реализацијата на овој проект. Со заеднички сили продолжуваме да ја градиме модерната и функционална урбана средина, изјави Јанчев.
Градоначалникот посочи дека кружниот тек ќе придонесе за побрз и полесен проток на сообраќајот, зголемена безбедност за учесниците во сообраќајот и подобра поврзаност на централното градско подрачје.
– Побрз сообраќај, поголема безбедност, подобра поврзаност. Продолжуваме со инвестиции во инфраструктурата – за подобро секојдневие на сите граѓани, додаде Јанчев.
Реализацијата на проектот беше поздравена и од претседателот на Советот на Општина Кавадарци, како и од претставник на компанијата Лидл, кои ја истакнаа важноста на соработката помеѓу локалната власт и приватниот сектор.
