Португалската државна секретарка, Ана Паула Закариаш, која претседаваше со министерскиот состанок, ја охрабри Словенија да продолжи да бара решение за преговорите со Македонија врз основа на овој предлог.

-Португалското претседателство даде максимум за да изнајде компромис, решение, сакавме денес да имаме не две, туку четири меѓувладини конференции, рече Закариаш алудирајќи на двете меѓувладини конференции што се одржаа вчера во Луксембург со Србија и Црна Гора.

Таа додаде ова е „тежок политички момент што го живеат Бугарија и Северна Македонија“.

-Сѐ уште не е моментот, треба да најдеме решение во кое веруваат сите чинители, ја охрабруваме Словенија да продолжи, да не го изгуби моментот, да ги искористи предлозите на маса и се надеваме на меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија што поскоро за време на идниот семестар, рече Закариаш.

Ден пред носењето на оваа одлука, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски имаше свое обраќање пред претставници и членови од Советот на Европа. Тој истакна дека и покрај одлуката која Бугарија би можела да ја донесе, цела Европа ќе знае дека ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик.

Инаку вчера, Германија, Словачка и бројни други земји инсистирале Бугарија да го отстрани ветото за Македонија кое почива врз билатерален конфликт и за кое ЕУ смета дека не му е место во ЕУ. Бугарскиот претставник, како што јави дописничката на МИА од Брисел, ги обвинил своите колеги дека не ја разбираат „длабочината“ на проблемот помеѓу Скопје и Софија и не покажал флексибилност, повикувајќи се на претстојните избори во Бугарија во јули. Иако ниту политичка влада не е гаранција дека ветото ќе се тргне. Ниту португалскиот предлог не ја премисли Софија.

И бугарското МНР вчера соопшти дека Софија го потврди својот став за европската перспектива на Република Македонија на вчерашниот редовен состанок на Советот за општи работи во Луксембург, притоа останувајќи отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање заемно прифатливи решенија. Бугарскиот заменик министер за надворешни работи Румен Александров изјави дека Бугарија продолжува со консултациите со Македонија за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство и оти очекува Скопје да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво на 17 јуни 2021 година во Софија, што, вели, ќе ни овозможи да се движиме во позитивна насока.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, на прес-конференција, со неговата гостинка-колешката од Шведска Ан Линде, вчера изјави дека можноста да се добие почеток на преговори за членство на 24 и 25 јуни на Самитот на лидери на ЕУ е теоретска, имајќи предвид дека во моментот во Бугарија има комплексни политички услови и контекст, и единствено претседателот на државата Румен Радев има целосен политички мандат и можност да се повлече ветото, односно да се донесе одлука на самиот Самит на лидери.