Македонската амбасада во Обединетите Арапски Емирати ги извести македонските државјани кои моментално се наоѓаат во земјата дека во вторник ќе се реализира нов лет за евакуација на релација Дубаи – Скопје. Граѓаните кои имаат итна потреба од заминување се повикани навреме да се пријават во Амбасадата во Абу Даби.
– Имајќи предвид дека се финализираат подготовките и деталите за неговата реализација, сите граѓани кои имаат неопходна и приоритетна потреба од евакуација потребно е во најкус можен рок да се пријават во Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, наведуваат од Амбасадата.
Евидентирањето, како што посочуваат од дипломатското претставништво, може да се изврши преку следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби, телефон +971 56 441 7532 и електронска пошта abudabi@mfa.gov.mk.
Досега се реализирани четири организирани летови за евакуација на граѓани од регионот на Блискиот Исток, со кои се превезени вкупно 458 патници.
