НОВ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР

Ако 4iG успее да ја обезбеди дозволата за користење на фреквенција, жителите на Македонија би можеле да користат услуги од нов мобилен оператор најдоцна до крајот на 2026 година. Од компанијата уверуваат дека зголемената пазарна конкуренција ќе се одрази со поповолни цени за потрошувачите.

Пал Заранди, кој ја води стратегијата за мобилни мрежи и 5G технологии во 4iG, посочи дека подготовките се започнати уште пред неколку месеци и дека веќе се воспоставуваат првични соработки на домашниот пазар.

– Штом ја добиеме лиценцата, ќе влеземе во фаза на интензивни вложувања и ќе почнеме со конкретни подготовки за старт на нашата комерцијална понуда – изјави Заранди.

Унгарската корпорација 4iG веќе има значително присуство на регионалниот пазар – еден од водечките оператори е во Албанија, а активно работи и во Црна Гора. Годишно остварува приходи од 1,8 милијарди евра и опслужува над 10 милиони клиенти.

Според Заранди, она што ја издвојува 4iG од другите телекомуникациски компании е нејзината силна ИТ ориентација, што отвора простор за поширока и технолошки напредна понуда.

– Нашето присуство ќе внесе нова динамика на пазарот. Планираме изградба на модерна и капацитетна 5G мрежа. Тоа ќе овозможи зголемена конкуренција не само кај мобилната телефонија, туку и во сферата на фиксниот интернет, бидејќи 5G веќе претставува реална опција за домашна интернет конекција. Иако фокусот ќе ни биде на мобилниот сегмент, имаме амбиции и во други технолошки области каде што сакаме да придонесеме со иновации и развој – додаде тој.

Компанијата „Оне Македонија Телекомуникации“, основана од страна на унгарската 4iG, веќе достави документ со намери за настап на македонскиот пазар. Според плановите, очекувањата се дека дозволите за фреквенција ќе бидат издадени најдоцна до завршувањето на летото.

Процесот во кој заинтересираните субјекти поднесуваа писма за искажување интерес за позицијата трет мобилен оператор во земјава заврши пред неколку дена. Во зависност од тоа колку апликанти се пријавиле, ќе се одлучува дали ќе следи тендерска постапка со јавно наддавање