Пренаменил сервис во дискотека без дозвола, загинаа 62 млади луѓе
Основното јавно обвинителство Кочани поднесе кривична пријава против сопственикот на објектот во кој со години нелегално функционирала дискотеката Пулс, каде во катастрофалниот пожар на 16 март животот го загубија 62 млади луѓе, а околу 200 беа повредени. Станува збор за дело класифицирано како „Тешки дела против општата сигурност“, а пријавениот е осомничен како соизвршител, информираат од ОЈО.
Објектот, кој претходно бил сервис за автомобили, бил незаконски пренаменет во дискотека/кабаре, без никаква дозвола од надлежните институции. Според обвинителството, пренамената се случувала во периодот од 2012 до март 2025 година, со импровизирани градежни зафати, направени во договор со неформалниот сопственик на дискотеката.
„На различни датуми и повеќе наврати, сопственикот преземал градежни активности со кои извршил незаконска пренамена на објектот од Г3 – сервиси, во Б3 – големи угостителски единици“, стои во соопштението на ОЈО.
Објект без паркинг, без безбедносен пристап и без дозвола
Според Правилникот за урбанистичко планирање, објекти од категорија Г3 се наменети за сервиси, поправки и слични индустриски намени – не за угостителска дејност. Во објектот, кој бил пренаменет нелегално, немало паркинг, ниту пристап за противпожарни и итни служби, што според истрагата директно придонело за високата бројка на жртви и повредени.
Со проширувањето на истрагата, бројот на осомничени во случајот со „Пулс“ достигна вкупно 69 лица, а обвинителството најавува дека процесот ќе продолжи со уште нови докази и сослушувања.