Штип наскоро ќе го добие првиот Центар за рехабилитација на лица со посебни потреби во земјава, што ќе се изгради во просториите на Средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“. Проектот го спроведува Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Општина Штип, која кофинансира 11% од вкупната вредност – околу 11 милиони денари.
Според градоначалникот Иван Јорданов, тендерската постапка за преадаптација е во тек, а Центарот треба да биде ставен во функција следната година.
Зоран Мијалков од здружението „Сплотени срца“, самохран родител на две деца со попреченост, вели дека овој проект ќе им донесе огромно олеснување на многу семејства:
„Рана рехабилитација, работа со логопеди, дефектолози и физиотерапевти – тоа е клучно. Многу е важно негувателите да имаат човечка нишка кон овие деца. Терапијата треба да биде преку игра и љубов,“ нагласува тој.
Центарот ќе може дневно да згрижува 24 лица, со фокус на развивање самостојност и независен живот кај младите. Во работата ќе бидат вклучени стручни тимови и родители, а ќе се организира двосменска работа по четири часа, за да се опфатат што повеќе корисници.
Покрај ова, се планира и нов Центар за младинци, во кој ќе можат да учествуваат граѓани, пензионери и професионалци – музичари, уметници, спортисти и логопеди – кои со своето искуство ќе придонесат за инклузија и развој на децата со попреченост.
За земјиштето каде што ќе се гради Центарот за младинци, општината е во процес на експропријација меѓу населбите Железничка и Пребег, по што ќе биде доделено на Здружението „Сплотени срца“ за понатамошна изградба.
