Во рамки на стратешката иницијатива за зајакнување на административните капацитети, Управата за јавни приходи започнува имплементација на зајакнат системски пристап во управувањето со долговите на даночните обврзници, насочен кон јасен фокус, поголема ефикасност и реални резултати, информира УЈП во соопштение што МИА го пренесува интегрално.
Клучен чекор во овој процес е донесувањето на Стратегија за реална и наплатлива Листа на должници, http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/80, со која листата повеќе нема да биде архива на историски податоци кои се резултат на наталожени и неажурирани состојби во даночните регистри и евиденции, која низ годините стана обемна и го отежнува правилното согледување на даночните побарувања на државата и планирањето на мерките.
Целта е да се воспостави реална и употреблива база на податоци како здрава основа за подобро насочување на ресурсите и поефикасна наплата. „Прочистувањето на Листата на должници не значи откажување од наплатата, туку јасен фокус за правилни мерки врз основа на класификација и категоризација на долговите. Чистите податоци се основа за ефикасна наплата“ – истакнува директорката на УЈП м-р Елена Петрова.
Како дел од системскиот пристап, спроведуваме и реорганизација на оперативните надлежности за наплата на долгови, преку разграничување меѓу масивните, рутински постапки (блокади на сметки), постапките кои бараат индивидуализиран пристап кон должникот (присилна наплата од имот, приходи и побарувања на должникот) и најсложените случаи во кои се применуваат специфични мерки (судски постапки, гаранции и сл.).
Дополнително, УЈП донесе Повелба за формирање на Центар за даночно извршување, со цел зајакнување на теренските капацитети за лоцирање на движен и недвижен имот на должник, правилна процена на неговата вредност и поефикасно впаричување. Со овие мерки, УЈП преминува кон „паметно“ управување со даночните долгови, засновано на реални податоци, јасна приоретизација на случаите и рационално користење на институционалните ресурси. Очекуваните ефекти од овој пристап се: подобрена наплата, намалување на даночниот јаз поврзан со ненаплатени даночни обврски и зголемување на транспарентноста и кредибилитетот на податоците за даночните побарувања на државата.
Извор: Курир
