Киев, под жестоки руски напади во текот на ноќта.

Од лансираните 35 беспилотни летала Шахид од иранско производство од руска страна, 30 се уништени, соопштија од украинските воздухопловни сили, а биле лансирани од источниот брег на Азовското Море. За сега нема жртви, има двајца повредени, но погодена е цивилната инфраструктура, предизвикан е голем пожар во една од електраните по што Киев повторно остана без електрична енергија на минусни температури.

Од Киев стигнаа и нови обвинувања на руското конто, дека Москва ја користи зимата како оружје, напаѓајќи ја цивилната инфраструктура како нејзините енергетски мрежи.

Во текот на викендот, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, предупреди дека Русија би можела да планира нова голема копнена офанзива на почетокот на следната година, користејќи ја Белорусија како лансирна рампа за нападот.

„Заштитата на границата и со Русија и со Белорусија е исто така постојан приоритет. Се подготвуваме за сите можни одбранбени сценарија. Кој и да го приклони Минск на што и да е, тоа нема да му помогне исто како и секоја друга болна идеја во оваа војна против Украина и Украинците.“- Володимир Зеленски Претседател на Украина.

Инаку Зеленски уште еднаш децидно побара испорачување современи системи за противвоздушна одбрана за целосна заштита на украинското небо.

Меѓу време рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Минск, каде, како што стравува Киев, би можел да побара од Белорусија да се приклучи на новата руска копнена офанзива во Украина и со тоа да отвори нов фронт. Посетата на Путин на Минск е прва од 2019 година. Москва и Минск формираа заеднички регионални сили во Белорусија, а минатата недела Москва испрати четири воени авиони во Белорусија. Претходно претседателот на Белорусија Александар Лукашенко изјави дека со Путин ќе разговара за економската соработка, енергијата и одбраната.