Репрезентацијата на Германија не успеа да се пласира во осминафиналето на Светското првенство во Катар. Германците славеа против Костарика со 4:2, но тоа не им беше доволно затоа што на вториот натпревар од групата, Јапонија ја победи фаворизираната Шпанија со 2:1.
Тој резултат е уште поизненадувачки со оглед на тоа што Шпанците први дојдоа во водство уште во 11 минута, по што го одржуваа тоа водство до полувремето. Сепак, на почетокот на вториот дел, во само три минути, односно во периодот од 48 до 51 минутам Јапонците постигнаа два гола и направија целосен пресврт.
Овој јапонски триумф, не само што значи пласман на „самураите“ во осминафиналето, туку тоа го прават и како првопласирани во групата со шест бодови. Шпанците завршија втори со четири бодови, колку што освоија и Германците, но „црвената фурија“ има подобра гол разлика.
Со ваквиот расплет во групата Е, во осминафиналето Шпанија ќе игра против Мароко, додека Јапонија ќе излезе на мегдан против Хрватска.