Џип БМВ „заборавен во сервис“, полицијата вклучена
Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, објави дека откриени се нови злоупотреби поврзани со претходното раководство на министерството. Скапо возило од типот БМВ, кое е во сопственост на министерството, било пронајдено во многу лоша состојба во сервис каде претходно се извршувале поправки.
„Џипот БМВ е пронајден во сервис во прилично лоша состојба. Не сакаме да го подигнеме додека не се направи целосна истрага. Нема записници за предавањето на возилото, а сведоците тврдат дека е предадено во нормална состојба,“ изјави Стоилковиќ, додавајќи дека случајот го истражува Министерството за внатрешни работи (МВР).
Возилото користено за резервни делови?
Стоилковиќ истакна дека нема информации за тоа како возилото се користело пред да заврши во сервис, но според него, делови од него биле извадени, а состојбата е алармантна.
„Не можам да кажам за што служел автомобилот, но во моментов изгледа како ‘очерупена кокошка.’ Извадени се вратите, делови недостигаат. Како може скап службен автомобил да биде доведен во ваква состојба?“ праша Стоилковиќ.
ЗЛОУПОТРЕБИ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОДНОСИ МЕЃУ ЗАЕДНИЦИТЕ: Претходни сомнителни трошења
Стоилковиќ претходно обелодени дека неговиот претходник, Артан Груби, за време на својот мандат потрошил 20 илјади евра на угостителски услуги. Најголем дел од средствата биле исплатени на сметки на две ќебапчилници, а високи суми се издвојувале и за кафе.
Министерството за финансии спровело ревизија на трошењето на буџетските средства, а сите податоци ќе бидат разгледани на затворена владина седница.
Истрагата продолжува
Откриените злоупотреби, вклучувајќи ги и состојбите со возилото и трошењето на средства, се веќе пријавени кај надлежните истражни институции. Стоилковиќ најави дека ќе ги објави фотографиите од возилото во понеделник.