Министерството за спорт вложува во модерна инфраструктура

Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска присуствуваа на отворањето на комплетно обновениот повеќенаменски спортски центар во рамки на ООУ „Тихомир Милошевски“.

Проектот е дел од програмата на Министерството за спорт за развој на спортска инфраструктура низ целата држава, со цел секој граѓанин да има пристап до современи спортски услови.

„Нашата цел е секое дете, секој млад спортист и секој граѓанин да имаат можност да тренираат и да се рекреираат во современи услови. Со овие вложувања, не градиме само спортски објекти, градиме здрави навики, заедништво и идни шампиони“, изјави министерот Борко Ристовски.

Новопуштениот спортски центар располага со фудбалско игралиште, игралиште за кошарка со современа полипропиленска подлога и зона за рекреација опремена со спортски реквизити.
Просторот ќе биде наменет пред сè за учениците од училиштето, но ќе биде достапен и за локалните спортски клубови и за граѓаните на општината.

Министерството за спорт најавува континуирани инвестиции во спортската инфраструктура, нагласувајќи дека развојот на сите спортови и условите за масовен спорт низ државата зависат од современи и функционални спортски објекти.