Трет заболен од Конго – кримска хеморагична треска во Македонија.
42- годишен Велешанец во саботата е хоспитализиран на Инфективна, откако 5 дена имал покачена температура, главоболка и малаксаност. Болеста лабораториски е потврдана во ИЈЗ. Директорката на Клиниката вели дека пациентот е во стабилна состојба и засега нема потреба од третман со Рибавирин.
– Лабораториски анализите беа со намалени тромбоцити во текот на вчерашниот ден, но со соодветна супституција. Ние ова го третираме мултидисциплинарно во консултација со колегите од транфузиологија. Денешните анализи се уредни, но тоа не значи дека нема да имаме тек и развој на болеста, се надеваме поволен, како што беше и кај претходната пациентка, рече д-р Миелна Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.
Овој случај не е поврзан со претходните два, Штипјанката која почина и болничарката од Инфективна. Претпоставките се дека Велешанецот можно е да се заразил на рибарење покрај Вардар. Тој не дал податок дека бил каснат од крлеж.
-Има една рана што може да биде каснување на крлеж, но тој самиот не е свесен дека бил каснат, рече директорката на Инфективната клиника.
Под медицински надзор се членовите на неговото семејство како и 5 здравствени работници од Болницата во Велес кои биле вклучени во првичниот третман. Во следењето на Конго-кримската хеморагична треска во овие делови од земјава освен епидемиолозите вклучени се и ветеринарните служби и Агенцијата за храна и ветеринарство.
-Тие се на терен во смисла на заловување инсекти и нивно испитувања понатаму, рече д-р Стевановиќ.
Покрај лицата кои почесто престојуваат во природа под ризик од овој вид на треска се и здравствените работници кои доаѓаат во контакт со заболени.
Болничарката од Инфективна е во стабилна состојба и лекарите не очекуваат компликации.
Освен преку заразен крлеж, Конго – кримска хеморагична треска може да се пренесе и преку недоволно обработено млеко и месо од заболени животни.