Витраж со ликот на Тоше Проески и со мотиви од песната „Полско цвеќе“ конечно е поставен на спомен-обележјето на Гумење во Крушево. Делото е дар од српскиот витражист Драго Гањиќ, кој го реализирал проектот по иницијатива стара речиси 14 години. Идејата има посебна симболика, поврзана со два сона што се случиле на денот на трагичната несреќа на Тоше.

Мојата пријателка Соња Јоковиќ го сонувала Тоше во бело и во силна светлина на 16 октомври. И јас имав сон истиот ден – Тоше во бело ја пееше ‘Полско цвеќе’“, раскажа Гањиќ, кој лично присуствуваше на поставувањето на витражот. Првиот дел бил донесен уште во ноември 2012 година и изработен за неколку месеци, а целата визуелна тема останала посветена на „Полско цвеќе“.

Гањиќ објасни дека и вториот дел од витражот минал низ необична и емотивна работа. Секој елемент бил изработен од стакло што се пече на висока температура, но токму стаклото на делот што го носи последниот стих трипати пукнало.

Почнав да се сомневам, па пребарав на Интернет. Видов дека Тоше многу го сакал звукот на кршење стакло кога бил дете. Седев пред печката на полноќ и реков: ‘Тоше, те молам, нека остане цело’. Утрото го извадив стаклото – цело и неоштетено“, раскажа витражистот.

Витражистот објасни дека Македонија ја носи во срцето и дека е врзан со неа уште од младоста. Тука служел војска, а поддршка за проектот добивал од многу луѓе во Крушево, како и од семејството на Тоше. Споменал дека Благојче му помогнал во логистиката, а Дора, сестрата на Тоше, била во постојан контакт со нив. Техничкиот материјал бил дониран од фирмата од Прилеп.

Проектот, започнат пред околу 14–15 години, со овој витраж добива своја целина. Но Гањиќ најавува дека ова не е последниот труд посветен на Тоше.

Планираме нови витражи. Чичко Никола сакаше да се изработи Богородица и тоа е веќе во подготовка. Ќе видиме дали ќе биде поставена на спомен-обележјето или во манастирот ‘Свето Преображение’. Планираме и декоративна шара што ќе свети навечер, а ќе размислиме и за уште витражи“, објаснува Гањиќ.

Тој и неговата пријателка, сонот за Тоше го претворија во долгогодишна мисија, инспирирана од човек кој оставаше светлина, љубов и бескрајна поддршка за сите околу себе.