До 30-ти март подготвени измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа, а потоа собраниска процедура и донесување до лето, предвидува ресорниот министер Златко Перински. Со донесувањето на новиот закон нема да се испочитуваат препораките на ОБСЕ дека законски измени не треба да се носат помалку од шест месеци пред изборите.
„Станува збор за едно системско решение, системски закон, за којшто беше неопходно широка јавна дебата, за да ги слушнеме сите чинители. Некои сметаа дека многу се четири јавни дебати, ние инсистиравме да има барем четири, за да може сите страни да ги слушнеме и да ги опфатиме. По 30-ти март законот ќе биде оперативен, во насока на предлог-измените да се валидизираат од релевантните институции, така што очекувам до летото да се заврши целиот процес. И нам ни е битно новите градоначалници да бидат избрани согласно новиот закон за локална самоуправа“, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Новиот закон предвидува референдумско отповикување на избраните градоначалници. Досегашните ќе се спасат, оти законот нема да важи реактивно.
Законот за локална самоуправа ќе постави темели за комунална полиција, но нејзиното формирање ќе се чека на друг закон. Се предлага и општествено корисна работа за прекршителите, а ако се малолетни и за нивните родители.
„Тоа се идеи, предлози за кои се дискутира се анализира од страна на оние кои се најмногу упатени во примена на ова законско решение. Наша задача е да вообличиме најдобри предлози“, изјави проф. д-р Александар Спасеновски.
Со новиот закон треба да се даде поголемо учество на граѓанскиот сектор при донесување на одлуките на локално ниво.