Нов закон за високо образование носи промени во финансирањето и академските критериуми
Министерството за образование и наука подготви нова законска регулатива за високо образование и наука, изработена со поддршка од повеќе од 60 професори, институции, студенти и експерти, со цел унапредување на академската едукација и научно-истражувачката дејност.
На прес-конференција, министерката за образование и наука Весна Јаневска ги презентираше клучните аспекти на новите закони за високо образование, за квалитет во високото образование и науката, како и за научно-истражувачка дејност. Првите два закона веќе се објавени на системот ЕНЕР и се достапни за коментари и предлози од јавноста.
Јаневска истакна:
„Споделувам убава вест за студентите кои со стипендија од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети или пак студираат во Македонија и се добитници на Инженерски прстен или се прогласени за најдобри студенти на универзитетот – тие ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, како наставно – научен кадар. Ова е една од новините во Законот за високо образование“.
Нови правила за финансирање и напредување во академски звања
Министерката информираше дека се воведува нов модел на финансирање на високообразовните институции. Во него се предвидени развојна компонента и компонента за успешност, што значи дека универзитетите кои ќе исполнуваат повисоки стандарди ќе добиваат повеќе средства.
Јаневска рече:
„Ги зајакнуваме критериумите за напредување во звања на факултетите. Секој кој ќе аплицира за избор во звање – доцент, вонреден или редовен професор, отсега зависно од звањето ќе има обврска до изборот да изработи и објави од 6 до 7 научни трудови, од кои 3 до 4 треба да бидат објавени во списание со импакт фактор од базите Web of science или Scopus. Ова е важно, затоа што светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 трудови во списанија со импакт фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови и тоа мора да го промениме“.
Дополнително беше соопштено дека професорите кои се веќе во постапка за избор во звања ќе имаат олеснета процедура. Новото законско решение предвидува професор да може да остане во исто звање доколку ги исполнува условите при секој следен избор.
Еднаш избраните редовни професори, по усвојување на законот, ќе имаат реизбор по седум години. Оние кои веќе се избрани во редовни професори нема да бидат опфатени со новото законско решение.
Мандатот на ректорите ќе се зголеми на четири години, наместо досегашните три, а ќе се измени и моделот за нивен избор. Законот предвидува и воведување стручни студии од прв, втор и трет циклус со можност за премин кон академски студии, како и кратки програми за стекнување специјализирани знаења.
Поголема транспарентност и нови решенија за научно-истражувачката дејност
Со новите законски решенија се предвидува активирање на одборите за доверба со јавноста и советите на универзитетите, кои претходно не функционирале. Националниот совет за високо образование и наука ќе добие дополнителни надлежности.
Јаневска посочи:
„Платите повеќе не се предмет на дискусија. Зголемени се за 14% минатата година, а зголемен е и буџетот за поддршка на научно – истражувачката дејност од 380 милиони денари во 2024 година, на 773 милиони денари оваа година. Повеќе од двојно“.
Паралелно се подготвува и нов Закон за квалитет во високото образование и научно-истражувачката дејност. Со него се предвидува реорганизација на Агенцијата за квалитет, која досега главно вршела акредитација на студиски програми, без евалуација.
Министерката нагласи:
„Новина е наместо два одбори за акредитација и за евалуација, законот предвидува еден Совет кој ќе работи со стручни комисии. Дефинирање на постапките за евалуација, самоевалуација, акредитација, надзор над работата на високообразовните установи и научно – истражувачките субјекти и така натаму. Анализиравме структури на ваков тип институции во други земји и цениме дека новата организациска поставеност на АКВО ќе даде подобри резултати“.
Третиот закон се однесува на научно-истражувачката дејност и предвидува утврдување типови научни установи, финансирање научни институти и центри за извонредност, како и јасни процедури за избор во научни звања.
Јаневска додаде:
„Законот е во тесна корелација со другите два и оттука, очекувам Собранието одеднаш да ги усвои сите, се разбира по претходно доставување на најдобрите текстови што ќе произлезат од јавната дебата што како Влада ја започнавме во понеделникот. Дебати ќе се одржат и на сите јавни високообразовни установи, а се надевам и на квалитетна дискусија во Собранието“.
Министерката упати благодарност до сите учесници во подготовката на законската регулатива и посочи дека Националното координативно тело за реформи во високото образование и научно-истражувачката дејност успешно ја реализирало задачата поради која било формирано од Владата, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува вклучување на сите релевантни чинители во процесот.
