Чави вчера беше претставен како нов тренер на каталонскиот клуб, а веќе денеска го одработи и првиот тренинг.
Легендарниот Шпанец утринава во друштво на претседателот Жоан Лапорта ги собра играчите кои му стојат на располагање за време на репрезентативната пауза и одржа краток состанок. По тој повод најави нови правила на однесување и истакна дека дисциплината на фудбалерите е исклучително важна за тимот да се натпреварува на врвно ниво.
Првиот тренинг на теренот започна во 11 часот. Поради големиот број на отсутни и повредени играчи, со првиот тим работеа седум фудбалери на Барселона Б.
„Се вратив и ме чека голема одговорност и напорна работа. Целта е да се врати бродот на вистинскиот пат, да уживаме и да победуваме. Барселона е мојот дом и сакам да се соочам со предизвикот“, изјави вчера Чави, а веќе денеска почна да работи на остварување на таа цел.
Барселона е деветта на табелата во шпанската Ла Лига, со 11 бодови и натпревар помалку од водечкиот Реал Сосиедад.