Лидерите потпишаа договори за нуклеарна енергија, технологија и индустриски развој, нагласувајќи ги историските односи меѓу двете земји
Американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот премиер Кир Стармер денеска официјално потпишаа низа економски и стратешки договори кои ја зацврстуваат соработката меѓу САД и Обединетото Кралство. Лидерите ја истакнаа важноста на историските врски и нагласија дека овие нови договори ќе донесат значителни придобивки за граѓаните и компаниите од двете страни на Атлантикот.
„Врските меѓу нашите земји се бесценети и претставуваат прекрасно наследство што го зајакнуваме со овие договори“, изјави Трамп за време на заедничкото обраќање.
Тој додаде дека нема поорганско партнерство во светот од тоа меѓу САД и Британија и ја потенцираше улогата на индустријата во одбраната.
Премиерот Стармер посочи дека денешните договори се најголемиот трговски договор во британската историја.
„Милијарди долари инвестиции ќе донесат големи придобивки за обичните граѓани. Ова се инвестиции што ги менуваат животите и ги прават работниците побогати“, рече тој.
Во фокусот на соработката беше новиот договор за цивилна нуклеарна енергија, кој, според Стармер, ќе ја зголеми енергетската безбедност и ќе ги намали сметките за струја. Трамп додаде дека американската компанија „X-energy“ и британската „Centrica“ ќе инсталираат нуклеарни реактори низ целата Велика Британија, проект кој е во подготовка со години.
Покрај енергетиката, лидерите го објавија и Договорот за технолошки просперитет револуционерен план за соработка во новата технолошка ера. На крајот од настанот, Трамп им се заблагодари на Стармер, кралот Чарлс и кралицата Камила за топлото гостопримство.