Јавен повик за обука „AI во училница“
Наставниците од средните училишта ќе можат да се пријават за напредна обука за примена на вештачката интелигенција во наставата. Потребно е да имаат основно познавање на дигитални алатки и активно владеење на англиски јазик. Обуката „AI во училница“ им овозможува интегрирање на вештачката интелигенција во сите фази на наставата, од подготовката за часовите до оценувањето на учениците.
Рокови, аплицирање и придобивки
Министерството за образование и наука во соработка со групацијата Brainster го објави јавниот повик. Пријавувањето трае до 12 септември, а по завршувањето ќе се изврши селекција и тестирање на кандидатите до крајот на месецот. Обуката започнува на 1-ви октомври, а аплицирањето се врши преку следниот линк.
Наставниците што ќе учествуваат ќе добијат бесплатен пристап до осум различни курсеви месечно, со современа и практична содржина. За успешно совладување на курсевите следат осум дигитални сертификати месечно, како и печатен сертификат за завршување на целата програма. Предавачи ќе бидат инструктори со меѓународно искуство, а Brainster Next факултетот ќе формира менторска група која ќе обезбеди индивидуализирана поддршка за наставниците.
Соработката на Министерството за образование и наука со групацијата Brainster во делот на обуките за користење на вештачката интелигенција во наставата следи по потпишувањето на Меморандумот за соработка. Ова ја реализира институционалната заложба за воведување на вештачката интелигенција во националниот образовен систем и овозможува модернизација на наставата со зголемување на дигиталната компетентност на наставниците.