Македонија ќе стане дел од Вертикалниот гасен коридор, европска енергетска мрежа што треба да обезбеди повеќе правци и извори за снабдување со природен гас. Формалното пристапување е предвидено за септември во Солун, каде што треба да биде потпишана декларацијата за приклучување.
Вклучувањето во проектот отвора можност земјата посилно да се поврзе со европскиот гасен систем и да ја намали зависноста од ограничен број снабдувачки правци. Во процесот, покрај Македонија, се вклучува и Србија, додека дел од иницијативата веќе се Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Украина, Словачка и Унгарија.
Процесот за приклучување бил отворен по дипломатските активности и разговорите што министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ги водела со претставници на американската администрација и со министри од регионот. Прашањето било разгледувано и на Самитот за енергетска транзиција во Атина, по што операторите на гасните преносни системи се согласиле НОМАГАС да стане дел од регионалната рамка.
Вертикалниот гасен коридор не е еден нов гасовод. Станува збор за поврзување на национални гасоводи, интерконектори и терминали во заедничка мрежа преку која гасот ќе може да се движи по повеќе рути, главно од јужниот кон северниот дел на Европа.
За Македонија, приклучувањето е тесно поврзано со изградбата на интерконекторот со Грција, кој треба да биде пуштен во употреба во 2027 година, како и со подготовките за нова гасна врска со Србија. Со овие проекти земјата треба да добие пристап до повеќе извори на природен гас, меѓу кои и течен природен гас – ЛНГ.
Со вклучувањето во европскиот коридор, интерконекторите со Грција и Србија добиваат пошироко регионално значење. Наместо да служат само за домашните потреби, тие ќе можат да се користат и како дел од поголема транспортна мрежа за пренос на гас кон други пазари.
„Со приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор значително се зголемува стратешката вредност на овие инфраструктурни инвестиции. Македонија станува важна транзитна точка за снабдување со гас во регионот и во Европа“, изјави Божиновска.
Очекувањата се дека членството во оваа рамка ќе донесе поголема сигурност во снабдувањето, подобро искористување на капацитетите и поголема конкуренција меѓу снабдувачите. Интересот на енергетските компании за транспортните капацитети веќе покажува дека коридорот може да стане една од главните идни гасни рути во регионот.
