Нова истрага за проневера во прилепската болница

Основното јавно обвинителство Прилеп, постапувајќи по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело „Проневера во службата“ од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Сомнение за присвојување пари од наплатите во болницата

Според наводите, постои основано сомнение дека осомничениот во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2021 година, во својство на службено лице – самостоен референт и главен благајник во Одделението за материјално-финансиско работење во Секторот за материјално-финансиски работи и сметководство при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, присвоил пари доверени во службата.

Оштетување од над 15 милиони денари, побаран куќен притвор

Осомничениот, во повеќе наврати, дел од наплатените и примените парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата, не изготвил обрасци „каса-прими“ и средствата противправно ги присвоил. На тој начин, според Обвинителството, била прибавена значителна имотна корист во вкупен износ од 15.063.284 денари. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.