Нова потенцијална инвестиција на италијанска компанија во ТИРЗ Штип. Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денеска оствари средба со Марио Де Роза, прв секретар и заменик шеф на мисија на италијанската амбасада во Македонија.  На средбата беа присутни и претставници од регионалниот совет на Пиемонт и италијанската компанија L’Isola Blu Piscine.

Тема на средбата беше разгледување на условите за потенцијална инвестиција во ТИРЗ Штип од страна на италијанската компанија. Компанијата е специјализирана за дизајн, производство и инсталација на базени.

Изградба на фабрика за батерии за автомобили: 40 милиони евра инвестиција и 600 нови работни места

Димовски ги истакна поволностите кои ги нудат зоните. Беше претставена стратешката локација на ТИРЗ Штип и поддршка од Владата  за инвестиции со висока додадена вредност.

Претставниците на италијанската амбасада и регионалниот совет на Пиемонт ја поздравиле можноста за соработка и изразиле уверување дека Македонија станува сè попривлечна дестинација за италијанските компании.

Фабио Каросо, сопственик на компанијата L’Isola Blu Piscine, изразил големо задоволство од средбата. Тој  ја нагласил поволната бизнис-клима во Македонија како клучен фактор за потенцијалната инвестиција во ТИРЗ Штип. Каросо изразил надеж за успешна реализација на проектот, кој ќе ја зајакне соработката помеѓу Италија и Македонија и ќе создаде нови можности за развој на македонската економија.

Оваа можност за нова инвестиција потврдува дека Македонија продолжува да ги привлекува странските инвеститори со поволни услови за бизнис.

Извор: Курир